Министерот Тодоров: Лекари си натпишале интервенции за поголема плата!
Инспекцискиот увид од страна на Министерството за здравство открил дека лекари во градската општа болница „8 септември“ си натпишале интервенции кои не ги сработиле. На таков начин им се зголемил коефициентот а со тоа и износот на платата.
Министерот за здравство Никола Тодоров ги соопшти податоците и најави санкции ако до 16 мај не се искорегираат неточните податоци.
“Беа извршени инспекции на Офталмологија, Неврологија, Психијатрија, Патологија, Ортопедија, ОРЛ и Хирургија и беше констатирано сериозно несовпаѓање во реално извршените медицински услуги и медицинските услуги кои се внесени во системот. Сериозни консеквенции ќе предизвикаат контролите на 16 мај, по исплаќање на платата. До моментот пред да се исплати платата нема финансиска штета по однос на институциите. Доколку повторно бидат забележани неправилности, лекарите кои го злоупотребиле системот може да добијат и казна затвор од 3 години “, рече Тодоров.
Од болницата пак рекоа дека лекари не лажат туку дека во инспекцијата биле користени делумни податоци од болничкиот информатички систем без сите целосно извршени дијагностички процедури.
„Можни се одредени ненамерни пропусти заради големата оптовареност на докторите. Инсистираме на темелна контрола на инспекциските тимови со комплетен увид во целокупната документација со која располага болницата“ се вели во реакцијата од „8 Септември“, гласи ставот на болницата “8 септември“.