Започна поднесувањето на барања за отпис на долгови
Oд денес граѓаните ќе може да ги доставуваат своите барања во Центрите за социјална работа за еднократен отпис на долговите. Барањата се доставуваат во рок од 30 дена од објавување на повикот од Министерството за финансии, а за прифаќање на барањето ќе одлучува посебна комисија.
Ќе се отпишуваат долгови на три најранливи категории граѓани, односно корисниците на социјална помош и постојана парична помош, невработени лица кои активно бараат работа подолго од 12 месеци и лицата што се изложени на социјален ризик поради смрт на брачен другар или инвалидност или потешка болест настанати во последните пет години.
– Ќе се отпишуваат долгови настанати заклучно со 31 декември 2013 година, а по основа на потрошена електрична и топлинска енергија, за кредитни картички, пречекорувања на трансакциски сметки и потрошувачки кредити, како и долгови за радиодифузна такса, изјави вицепремиерот Зоран Ставрески.
Според Ставрески, долговите треба да бидат неплатени подолго од една година и за нив да е почната постапка за наплата.
