Најавена нова рунда преговори за името, но за стратегијата молк!
Новата рунда разговори за разликите околу името со Грција ќе се одржи кон крајот на годинава. По реакцијата на Министерството за надворешни работи на Грција дека Нимиц чекал потврда од македонската страна за повторно да седне со двете страни на преговарачка маса, новиот амбасадор во САД, Васко Наумовски откри дека наредните средби се очекува да се случат на крајот на годината, но без да посочи конкретен датум. При презентирањето на фокусот на неговата дипломатска мисија како амбасадор на Македонија во САД и преговарач за името, тој не ја поштеди Грција од обвинувања за, како што истакна, недостигот на мотивација за решавање на проблемот со името, јави Локално.мк.
Пред неколку денови Министерството за надворешни работи на Грција ги негираше обвинувањата од македонската страна за недостиг на волја и нагласи дека Нимиц чека одговор од Скопје за датумот за нова средба.
„Венизелос истакна дека Нимиц чека претставниците од поранешната југословенска Република Македонија да ги потврдат можните датуми за наредната средба во Њујорк бидејќи амбасадорот Василакис ги прифати датумите за октомври кои првично ги предложил Нимиц“, соопштија од министерството за надворешни работи на Грција.
Од друга страна, Наумовски на прашање на својот коалициски партнер Павле Трајанов на комисијата за надворешна политика, не сакаше да открие дали Владата има стратегија за решавање на разликите околу името.Беше побарано да одгвори без детали од истата, но одговорот беше избегнат.
Инаку,Наумовски вети дека за време на неговиот мандат ќе работи на безвизен режим со САД,на динамизирање на политичките односи, организирање економски настани за привлекување инвестиции, промоција на технолошки, индустриски и здравствени зони, промоција на туризмот, продолжување и унапредување на соработката во одбраната и безбедноста, образование, наука и култура… Исто така, најави интензивна комуникација со дијаспрата во САД, која е една од најголемите во светот, за нивни заеднички настап за патување во САД.
