ЗНМ реагира на деградирањето на Лазаревска од Кировски во Телма

Објавено на 16 октомври, 2014 во 15:44

Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) најостро реагира поради одлуката на новиот директор и главен и одговорен уредник на ТЕЛМА, Атанас Кировски, да ја деградира во репортер во утринска програма, поранешната одговорна уредничка на информативната програма, Емилија Лазаревска.

„Несфатливо е како е можно еден менаџер кој по вокација е новинар, да ја деградира својата колешка која во изминатите 17 години успеала да даде голем придонес во изградбата на телевизијата, а особено на вестите во чие основање и развој учествувала од самиот почеток. Независните мониторинзи на работата на националните телевизии покажуваа дека Телма во сите изминати изборни процеси известувала балансирано и професионално, а тоа е потврдено и во извештаите на ОБСЕ, која како организација, ја следи и работата и известувањето на медиумите за време на избори“, пишува во реакцијата на ЗНМ.

Впрочем, додаваат од ЗНМ, и Советот за радиодифузија (Агенција за медиуми) во 2013 година во изготвената Анализа на пазарот на радиодифузната дејност, констатира дека вестите се програмскиот сегмент со најголема гледаност од целокупната понуда на Телма.

 

„Истата година, ова регулаторно тело спроведе анкета за испитување на јавното мислење за влијанието на медиумите, според која, вестите на Телма, чиј одговорен уредник е токму колешката Лазаревска, се со најголема доверба кај граѓаните. Последните анализи и анкети, вклучувајќи ја и онаа на Нилсен Медиа Рисрч, покажуваат дека во првата половина од оваа година гледаноста на вестите постојано растела, а довербата во нив убедливо е зацврстена пред сите други телевизии во Македонија“, пишува во реакцијата на ЗНМ.

Според ова, а и со оглед на тоа што медиумите се институции од јавен интерес јавноста треба да знае како се раководат, ЗНМ очекува од директорот Кировски да даде сериозно објаснување зошто колешката Лазаревска, која има богато новинарско искуство, е распоредена на работно место кое е предвидено за новинари почетници или новинари со мало искуство. ЗНМ смета дека оваа одлука е спротивна на Законот за работни односи и Законот за заштита од вознемирување на работно место и е крајно неколегијална. ЗНМ во неколку наврати се обидел да биде медијатор во овој случај, но безуспешно.

„Со актот на деградирање на досегашниот одговорен уредник на вестите, како и претходниот чин на откажување на соработката на петмината дописници, без издржано објаснување, се доведува во прашање професионалниот интегритет на новинарите, но и довербата што вестите на Телма ја уживаа кај граѓаните“, се додава во реакцијата на ЗНМ.

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.