СЗДСМ: Продолжување на лекување на прогресивна ретинопатија, особено кај лицата со дијабетес поради ризиот од слепило
19.11.2020
Барање за продолжување на лекување на прогресивна ретинопатија, особено кај лицата со дијабетес поради ризиот од слепило кој е со многу висок степен на можност кај овие пациенти денеска испрати Сојуз на здруженија на дијабетичари на Северна Македонија.
Барањето е упатено до До Министерот за здравство на Р С Македонија Доц Д-р Венко Филипче, Фонот за здравствено осигурување на Р. С. Македонија, вд директорот Стево Крстевски и до Фатон Ахмети.
Во барањето, овој сојуз напиша:
„По прогласувањето на пандемијата со COVID19 во РСМакедонија, сите заедно сме исправени пред многу предизвици. Би сакале да го изразиме нашето големо задоволство за начинот и постапките кои ги превземате за справување со кризата, со цел зачувување на нашето здравје. Ние како Сојуз кој обединува сите лица со дијабетес, се обидуваме во овие тешки услови да дадеме сѐ од себе за регулирање на основната состојба – дијабетесот, но и да не дозволиме да се развијат компликации или пак тие да се влошат.
Лицата со дијабетес чувствуваат несигурност за тоа како да го продолжат лекувањето на компликациите од дијабетесот, па во овој контекст и лекувањето на компликациите по видот заради честотата на дијабетичната ретинопатија.
Имено, испракаме АПЕЛ за поддршка во третманот на дијабетичната ретинопатија со терапијата aflibercept кои од минатата година успешно ги воведовте како третман на лицата со дијабетес, бидејќи од почетокот на кризата во месец Март не сме во можност да ја примиме оваа терапија на Клиниката за очни болести, а не гледаме ниту можно решение по претворањето на Клиниката во КОВИД ЦЕНТАР овие денови.
Ако не постои повеќе можност да ја примиме оваа терапијата која го зачувува видот, а за што е неопходно континуирано лекување кои ќе спречат уште поголеми оштетувања на веќе ослабениот вид кој може да прогредира и до СЛЕПИЛО, би сакале да Ве запрашаме кој е планот за ова? Дали сепак еден дел од Клиниката ќе остане доследна да ни ја аплицира терапијата во очи, како што се аплицира терапија и на други клиники за други болести или пак решение барате во пренасочување на ова лекување во други институции?
Ниту една друга терапија не ни била оневозможена во сиот овој период, како оваа, а видот е засегнат кај речиси секој трето лице со дијабетес. Секој следен ден без терапија го зголемува повеќекратно ризикот за влошување на видот, па стравот и разочарувањето од можно слепило расте. Не сме сите во можност да ги покриеме трошоците за лекување во приватните институции, доколку истите не ни ги рефундирате.
Заради сето наведено, и после речиси 9-месечен прекин на третманот, и неколку дена по одбележувањето на Светскиот ден на дијабетесот, чувствуваме дека е вклучен ЦРВЕН АЛАРМ за итно превземање на мерки за да се продолжи со лекување на нашиот засегнат вид.
И лицата со дијабетес во нашата земја, заслужуваат најдобро здравје, зачуван вид, посветло утре и успешна борба со слепилото!
Да потсетиме дека ЈАВНОТО ЗДРАВЈЕ не е ниту „БИЗНИС“ ниту пак „ПОЛИТИКА“!
