Филипче: Се наоѓаме во третиот бран од корона вирусот но остануваат на сила актуелните рестриктивни мерки, засега нема дополнување
17.03.2021
Министерот за здравство, Венко Филипче во рамки на денешната прес конференција, ја образложи моменталната состојба со Ковид 19, но и информираше дека остануваат на сила моменталните рестриктивни мерки и засега истите нема да бидат дополнети.
„Евидентно е дека се наоѓаме во третиот бран. Во изминатите четири недели имаме постојан раст на бројките на заразени од Ковид 19. Во болниците, имаме 1100 пополнети болнички места, и во таа смисла се направи координација и систем на менаџирање со сите капацитети во земјава. Оттаму, се додадоа и нови ковид центри кои беа отворени. Но, и покрај тоа има доволен број на болнички капацитети. Сега сите ковид центри се во функција. Утринава имавме координација со Комисијата за заразни болести, и констатирано е дека имаме значително зголемен број на пациенти во одредени градови. Но, заклучокот е дека остануваат овие мерки на сила и нема да се додадат дополнителни нови, но откако ќе завршат овие мерки, односно кон крајот на следната недела ќе видиме дали ќе има нови рестрикции“, истакна Филипче.
Останува полицискиот час од 22:00 до 05:00 часот се додека ситуацијата со корона вирусот не се стабилизира.
