Нови три стана на Груевски откриени во зградата на „Бихаќка“ кај што има два стана на име на мајка му, еден од нив на име на секретарката
23.03.2021
Истрагата за плацевите на Водно на избеганиот поранешен премиер Никола Груевски купени со пари од членарините на сопартијците, се проширува и на новооткриени негови станови купени со пари на членството, дознава САКАМДАКАЖАМ.МК.
Денеска истражителите на Обвинителството за организиран криминал и корупција вршат претрес во новооткриените станови на Груевски, кои не гласеле на негово име. Информацијата за САКАМДАКАЖАМ.МК ја потврди шефицата на ОЈО за борба против организиран криминал и корупција Вилма Русковска.
Според првичните информации, еден од новооткриените станови за кои има сомневања Обвинителството дека се стекнати незаконски, гласи на име на една од секретарките на Груевски. Обвинителството не открива на која секретарка, дали на таа од Владата додека бил премиер, или на некоја од ВМРО-ДПМНЕ, додека ја водел партијата. За останатите новооткриени станови, не се открива на чие име ги запишал Груевски.
Русковска потврди дека поранешната секретарка веќе дала изјава во Обвинителството дека конкретниот стан кај што фигурира таа како сопственик, фактички не е нејзин, дека само потпишала оти е.
Груевски има два стана на „Бихаќка“ на име на мајка му Надежда, за кои веќе јавноста знае, а има уште два стана во Аеродром и во Капиштец, исто така на име на мајка му.
Извор: САКАМДАКАЖАМ.МК