Ховит се сретна со Бесими, Заев и ЗНМ

Објавено на 29 октомври, 2013 во 16:52

Известувачот за Македонија во Европскиот парламент Ричард Ховит во рамки на својата тридневна посета денеска се сретна со вицепремиерот Фатмир Бесими,  лидерот на СДСМ Зоран Заев и со претставници на Здружението на новинари-ЗНМ.

Бесими и Ховит, според соопштението на Секретаријатот за евроинтеграции, се согласиле дека препораката за почеток на преговорите е доказ дека Македонија останува во агендата за проширување на Европската унија и претставува шанса за прогрес во интеграцијата кон ЕУ.

На средбата со Заев пак, известувачот Ховит пренесе дека решавањето на клучните прашања за напредок кон Унијата во овој период би биле од исклучителна важност за конечно приближување на земјата кон ЕУ, соопшти по средбата СДСМ.

На средбата со претставниците од ЗНМ, Ховит бил информиран за последните случувања во медиумската сфера и за длабоката загриженост за случајот со осудениот Кежаровски.

Како што стои во соопштението од ЗНМ, на средбата со Ховит било констатирано дека случајот на Кежаровски негативно се одразува на слободата на изразувањето и ги отежнува напорите да се убедат членките на ЕУ дека Македонија е подготвена да ги започне преговорите за членство.

 

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.