Македонските новинари утре ќе протестираат во Скопје

Незадоволство од нападите врз новинарите, навредите и понижувањата од политичарите, нелојалната конкуренција, небезбедните услови во кои работат новинарите, лошата социо-економска состојба се само дел од предизвиците за кои Здружението на новинари на Македонија и Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници утре, 17 февруари, 2023 година, го организираат протестниот марш во Скопје.
Протестниот марш ќе почне од пред зградата на Влада, во 10:30 часот и ќе заврши пред Собранието на РСМ. На маршот ќе бидат испратени пораки од претставници на ЗНМ и ССНМ, а ќе бидат доставени и следните барања до македонската Влада и до македонското Собрание:
„- Итно донесување на неопходните закони кои се важни за правата на новинарите и работата на медиумите и нивно доследно имплементирање
– Јавните функционери и политичарите да ги почитуваат новинарите и снимателите
– Крај на агресивниот државен пи-ар
– Поддршка за локалните новинари и медиуми
– Почитување на работничките права на новинарите и медиумските работници
– Безбедни услови за работа на новинарите и медиумските работници,“ пишува во соопштението за јавност на ЗНМ и ССНМ.
Дума.мк
