Маричиќ: Откако сум министер немало промена на закон без вклученост на граѓанскиот сектор
Министерот за правда, Бојан Маричиќ, во обраќање на настан „Организации од јавен интерес – регионалните и домашните искуства во пресрет на измената на Законот за здруженија и фондации“ кажа дека граѓанскиот сектор кога бил најпотребно и во најтешките моменти за државата се поставил како брана на авторитаризмот и бил клучниот фактор кој се борел за демократизација на државата. Маричиќ ја потенцира улогата на Советот за соработка со и развој на граѓанскиот сектор, како советодавно тело на Владата за унапредување на соработката, дијалогот и поттикнување на развојот на граѓанскиот сектор.
-Во изминатите 7-8 месеци откако сум во Министерствoто за правда, немало промена на закон без вклученост на претставници на граѓанскиот сектор, а особено сум среќен поради грантовите за граѓанските организации – даватели на примарна бесплатна правна помош, бидејќи заштитата на човековите права е јавен интерес и заслужува институционална поддршка, потенцираше Маричиќ.
Според министерот за правда, за натамошно доследно почитување на принципот на партнерство со невладиниот сектор потребно е секое министерство во рамките на своите надлежности да гради партиципативна култура, да вклучува што е можно поголем број на граѓански организации во својата работа и да создава стимули за поголема вклученост на граѓанските организации во општеството.