Маричиќ-Вархеји: Реформите продолжуваат, сите да застанат зад европската иднина на земјата
Заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашања, Бојан Маричиќ, денеска во Брисел оствари работен состанок со комесарот на ЕУ за соседство и проширување Оливер Вархеји, на кој разговараа за процесот на скрининг, за следните активности во процесот на преговори и за актуелната политичка ситуација во Северна Македонија.
-Во вистински и клучен момент ја потврдивме европската перспектива на Северна Македонија. Сега е најважно да сме фокусирани на реформите и да останеме на европскиот пат. Тоа е наша обврска и задача која им ја должиме на граѓаните, да обезбедиме просперитет и напредок на земјата, рече на состанокот Маричиќ.
Вицепремиерот Маричиќ на еврокомесарот за проширување Вархеји му брифираше за скрининг состаноците и за подготовките за билатералниот скрининг, како и за посветеноста и мотивацијата која ја имаат институциите за процесот.
Еврокомесарот Вархеји на главниот преговарач со Унијата, Маричиќ, му посака успешен скрининг и испрати порака да останеме силно посветени на европската реформска агенда, како и на градењето на добрососедски односи со Бугарија и напредокот во исполнувањето на обврските од страна на двете држави.
Комесарот потенцираше дека сега е најважно сите во Северна Македонија да застанат зад европската иднина на земјата и да помогнат во процесот на преговори со Европската Унија, додавајќи дека тоа е процес кој е важен за иднината на Северна Македонија и процес кој носи подобар живот за граѓаните.
На состанокот беше разговарано за последните подготовки за потпишување на Договорот од Фронтекс, кој средината на октомври ќе биде потпишан, но и за економски теми, во пресрет на зимата која доаѓа и предизвиците со кои ќе се соочиме, предизвикани од енергетската и економската криза. Во таа насока зборуваат и за Инвестицискиот план за Западен Балкан и за забрзување во реализацијата на регионалните проекти, особено оние од инфраструктурата и енергетиката.
Денеска во Брисел продолжува скрининг состанокот за поглавје 24 – Правда, слобода и безбедност, кој ќе трае два дена, а веќе наредната недела продолжуваат состаноците за поглавје 23 – Правосудство и темелни права.