Мон: 141 наставници-ментори од септември ќе добијат за 3.000 денари повисока плата
Согласно Законот за наставници и стручни соработници во основните и средните училишта, преку избор на прв јавен оглас, во звање ментор се унапредени 141 наставник од основните училишта, за што веќе се известени кандидатите и раководствата на училиштата, информираат од МОН. Сите наставници кои се унапредени ќе го остварат правото на додаток на плата од околу 3.000 денари, по основ на напредување во звање ментор, со почетокот на новата учебна година, за што веќе се обезбедени средства во буџетот на Министерството за образование и наука.
-Наставник-ментор е трето ниво во професионалниот развој, по приправничкото и наставничкото ниво. Менторот, освен што треба да го води наставникот- почетник низ училишни активности и да му помага во стекнувањата на потребни умеења и вештини за самостојна работа како наставник, ги менторира и студентите од факултетите за наставници, користи иновативни приоди и им помага на колегите во спроведување на акциски истражувања и учествува во изготвување на развојни политики на училиштетo.
Исто така, наставниците- ментори ќе бидат вклучени во спроведувањето на новата Концепција во основно образование, која стартува од септември годинава во прво и четврто одделение, а реформските процеси во деветолетката целосно ќе се имплементираат во следните 5-6 години – велат од МОН.
За еден наставник да може да аплицира за ментор потребно е да исполнува неколку услови: да има најмалку 7 години работни искуство како наставник, да е вработен на неопределено работно време и да ги исполнува професионалните стандарди за наставник – ментор.
Во меѓувреме, Министерството за образование и наука потсетува дека во тек е вториот јавен повик за наставници од основните училишта за напредување во звање ментор е објавен на следниот линк. Во самиот повик е наведена листата на училишта на кои се однесува истиот.
Пријавувањето се спроведува исклучиво електронски преку karierenrazvoj.mon.gov.mk, каде во прилог на апликацијата се приложува и соодветна документација како доказ за исполнетост на наведените услови. Крајниот рок за аплицирање е 15 јули 2021 година.