МОН: Повторно активни конкурсите за стипендии за ученици запишани во дуални паралелки
Министерството за образование и наука информира дека објави повторени конкурси за доделување на стипендиите наменети за ученици кои се запишани во дуални паралелки и за стипендиите за ученици запишани во тригодишно средно стручно образование заради целосна распределба на фондот на ученички стипендии предвидени за оваа учебна 2021-2022 година.
Во Конкурсот за доделување стипендии за ученици запишани во паралелки во стручно образование, во кои ќе се реализира практично образование со зголемен фонд на часови, се доделуваат преостанати 900 стипендии од оваа категорија откако со првичниот конкурс не беа распределени сите 1500. Може да аплицираат редовни ученици запишани во дуални паралелки, кои не повторувале година, не се корисници на стипендија од друг давател и се државјани на Република Северна Македонија.
Во Конкурсот за доделување стипендии за ученици запишани во тригодишно средно стручно образование предвидено е да бидат доделени 390 стипендии – за редовни ученици од средно образование кои реализираат наставни планови и програми за стручно оспособување и стручно образование од тригодишно траење, кои се државјани на Република Северна Македонија, немаат повторувано година во текот на образованието и не се корисници на стипендија од друг давател. Во првичниот конкурс за овој тип на стипендии беа предвидени вкупно 500.
Учениците кои ги исполнуваат условите за стекнување на правото на користење на еден од понудените два типа на стипендија, треба да пополнат електронска пријава и да ја прикачат соодветната документација на http://e-uslugi.mon.gov.mk. Доколку немаат можност електронски да аплицираат, пополнуваат хартиена пријава (евидентен лист) и ја доставуваат потребната документација по конкурсот во Министерството за образование и наука најдоцна до 30 септември 2021 година, во периодот од 8 до 16 часот.
МОН ги посочува и контактите на вработените во Секторот за ученички и студентски стандард, како и на сите вработени во Министерството за дополнителни информации и поддршка.
– Овие два типа стипендија првпат се воведени годинава, како резултат на заложбите за унапредување на квалитетот на средното стручно образование, приближување на неговите придобивки кон младите и нивна стимулација за упис во средни стручни училишта. Износот на стипендијата е 3.500 денари месечно, а се исплаќа девет месеци во годината, информира Министерство за образование и наука.