Над 30% од тестираните се позитивни, верските лидери повикуваат на вакцинација
Македонија вчера пријави 1.715 нови случаи на коронавирус, а вкупно 24 починаа како последица на инфекцијата. Во претходните 24 часа, 35,65 отсто од тестовите биле позитивни, по што активни се 13.962, а повеќе од половината, 7.624 се во Скопје.
Според здравствените власти, најдобар начин за завршување на пандемијата е вакцинацијата на населението. По тој повод, поглаварите на верските заедници заедно ги повикаа граѓаните да се вакцинираат против Ковид-19.
Пораката дека вакцинацијата е најдобриот начин за борба против коронавирусот ја испратија по средбата со министерот за здравство Беким Сали.
„Сите се согласуваме дека имунизацијата е најбезбедниот начин да се заштитиме од ширење на коронавирусот и дека само со зголемување на опсегот на вакцинација го штитиме сопственото и колективното здравје со единствена цел – подобра борба против оваа пандемија“, рече Сали.
Тој им се заблагодари на поглаварот на Македонската православна црква г. г. Стефан, на Реисот на Исламската верска заедница Шаќир Фетах, на бискупот на Католичката црква Киро Стојанов и на претседателот на Еврејската заедница во Македонија, Пеп Леви, за нивната „благородна иницијатива“.
Во земјава од коронавирус починале 8.494 лица, а од почетокот на епидемијата се регистрирани 274.144 заразени.