Наставниците штрајкуваат, учениците не седнаа во училишните клупи
Нема договор за штрајкот во образованието. Градинките ги отворија вратите за децата, но основните и средните училишта останаа празни. По две и пол недели штрајкот за најмалите е ставен во мирување и сите деца се згрижени соодветно. Во училиштата, пак, ништо не е променето.
На ова предупреди и УНИЦЕФ, изразувајќи сериозна загриженост поради продолжениот прекин на наставата. „Пропуштеното мора да се надомести за да се избегнат долготрајни штети по добросостојбата и продуктивноста на децата“, се вели во писмената изјава на Канцеларијата на УНИЦЕФ во Северна Македонија.
Тие потсетуваат дека со години наназад Северна Македонија се соочува со криза во учењето при што повеќе од половина од учениците на петнаесетгодишна возраст не ги постигнуваат основните нивоа на знаење по читање и математика. Исто така, не беа воведени програми за надоместување на пропустите во наставата предизвикани од затворањето на училиштата поради Ковид-19 и учењето на далечина. Оваа учебна година учениците веќе пропуштија две недели настава поради задоцнетиот почеток на учебната година. Сега, со пролонгираниот штрајк на наставниците кој влегува во својата трета и евентуално и четврта недела, постои веројатност децата да изгубат до шест недели настава во оваа учебна година.
Штрајкот во основното и средното образование и детските градинки почна на 11 април. СОНК бара зголемување на платите за 18,4 проценти и усогласување на останатите со минималната плата.