Голем број на стари велешки куќи се опасност за граѓаните минувачи

Објавено на 28 јули, 2016 во 14:50

Тивко умира стариот дел на Велес, кој со векови ги чуваше тајните и традициите пред очите на сите граѓани. Нема улица во него каде што нема разурната или напуштена куќа. Без сопственици , оставени со катанци на вратите, овие градби во кои некогаш имало живот, немаат повеќе сила да му пркосат на времето. Тие порано биле убави а денес се нагрдени со потпорни ѕидови кои се неми сведоци за едно време.

Тажна е сликата на улицата „Максим Горки“ на која во десетина куќи владее штама. Во двапати повеќе од нив не се слуша ни гласот на сопственици ниту на деца. Многумина од првите го напуштиле родното огниште и заминале. Ставиле катанец на вратата и оставиле времето да ја реши судбината на нивниот дом. А времето, без сопственик, е немилосрдно за градбите. Ја нема фурната на наставничката Менче, потоа куќата на Орката, па на Дуракот, на Никола и на Петре. Ги нема куќите на уште десетина други некогаш видни мајстори, добри и почитувани луѓе.

Состојбата ништо не е подобра и со куќите од Бузаана, на Бричкова, на Солено чешмиче, кај Соколанаа и на Јурија, а повеќе од катастрофална е во маалото „Долни Дуќани“ каде што некогашните велелепни повеќекатни куќи, денес , претставуваат опасност за минувачите. Таква е состојбата и со куќите на улицата „Максим Горки“ особено на оние кои во секој момент може да се свлечат и да го спречат минувањето по улиците кои водат кон Вила Зора и кон другите маала. Грда слика претставува и разурнатата куќа во близина на градскиот саат, веднаш до јаворот. Таа е само една во градот што полека се рони и што во секој момент може да падне.

„Нивните сопствениците ги остават и затоа што не можат да ги продадат или се починати,“вака одговараат дел од соседите на новинарско прашање. Има случаи и на нерачистена имотна состојба кога се јавуваат повеќемина сопственици за една куќа.

Во новиот дел на Велес пак секојдневно никнуваат новоградби иако исселувањето и понатаму е се поприсутно. Бројот на напуштени куќи е се поголем и бројот на ученици во градот е се помал.

Како и да е сликата што ја создаваат разурнатите куќи и на едната и на другата страна, во стариот дел на Велес, оставаат грда слика особено на туристите кои сеуште се интересираат за старата и на далеку позната велешка архитектура . Одговорните можат барем да ги рачистат урнатините за да ја исчистат лошата слика што куќите ја создаваат. /С.А.

 

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.