Судијката повторно го одби Ден Дончев за сведок
На денешното судско рочиште од процесот Груевски против Заев за Македонска банка, адвокатскиот тим на Заев повторно го предложи Ден Дончев како сведок, но судијката повторно го одби.
И Јовица Стефановиќ – Нини и Ден Дончев веќе беа предложени како сведоци од одбраната на 3 јули, но во судот вчера се појави само Газда Нини. Тој тврдеше дека не ги познава ниту Груевски, ниту Заев, а ниту пак Ден Дончев.
Вчера, одговарајќи на новинарски прашања, адвокатот на Заев, Мирослав Вуиќ, демантираше дека Ден Дончев доставил писмена изјава дека не сака да сведочи.
– Ден Дончев никогаш не доставил изјава и никогаш не кажал дека не сака да сведочи. Прашање е дали воопшто имало обид да се прати покана за да сведочи. Наспроти тоа, другиот сведок (Газда Нини н.з.) е обезбеден, иако ние немавме адреса и можност на друг начин да го обезбедиме – рече Вуиќ.
Денес, пак, Заев изјави дека снимката му ја дал лично Ден Дончев. Тој рече дека сите докази за трансакциите, како и документи за продажбата ги добил од Дончев неколку дена пред да ја објави снимката.