ДОМ излегува од владината коалиција
Објавено на 8 мај, 2015 во 08:48
На седницата на Централниот одбор на ДОМ одржана синоќа по разгледување на актуелната политичка ситуација е донесена одлука за излегување од владината коалиција.
ДОМ денеска соопшти дека е заклучено оти со овој чекор партијата ќе помогне во разрешување на длабоката политичка криза која е закана за стабилноста на Македонија.
Веруваме дека на ваков начин ќе иницираме редица конструктивни политички потези, кои би довеле до предвремени избори. Тоа го гледаме како единствен начин за канализирање на насобраниот граѓански револт, стои во соопштението од ДОМ.
Одлуката на ДОМ за излегување од коалицијата, како што се вели, доаѓа како логична завршница по сите реакции со осуда на содржината на снимките што ги емитува опозицијата.