Политичките лидери на поединечни средби со еврокомесарот Хан

Објавено на 18 септември, 2015 во 14:45

Еврокомесарот Јоханес Хан во рамки на билатералниот престој кој денеска и утре ќе го оствари во Македонија, попладнево одржи средби со лидерите на политички партиии Заев, Тачи, Ахмети, а денеска ќе оствари и работен ручек со премиерот Груевски за кој локацијата е непозната, пишува Нова.

По средбата со Хан, лидерот на СДСМ Зоран Заев истакна дека разговорот бил насочен кон досега постигнатите резултати од преговарачкиот процес.

-Денешната средба ја искористивме да се направи пресек на резултатите што досега се постигнати во преговарачкиот процес. Теми на кои се посвети најмногу внимание на средбава се избирачкиот список, изборното законодавство, реформи во судството, слобода на медиуми. Драго ми е што ЕУ наметнува конкретни термини за реализација на договореното. Ние сметаме дека е подобро што побрзо да се реализира тоа што го дефиниравме, рече Заев по завршувањето на средбата.

Претседателот на ДПА – Мендух Тачи вели дека една од темите за кои се разговарало е изборната регулатива, а 6 октомври бил посочен за датум до кога треба да се завршат преговорите околу ова прашање.

-Денешниот состанок со еврокомесарот Јоханес Хан беше многу важен а главната тема за која што разговаравме беше изборната регулатива. Притоа беше кажано дека 6 октомври е датумот до кој треба да бидат завршени преговорите, рече Тачи.

Од владината коалиција, на средба со Хан денеска во ЕУ Инфо Центарот во Скопје се појави лидерот на ДУИ Али Ахмети.

Ахмети нагласи дека договорот треба целосно да се спроведе до последната точка и политичките лидери треба да останат доследни на дадениот збор во Пржино.

-Ова е само почеток но не и крај на договорот. Покренав и други теми како меѓуетничките односи и односите со соседи, но и да се отвори пат за евроатланската агенда. За нас е прифатливо сите чекори да се забрзаат во овој момент, да се затвори прашањето на изборните закони како и другите правни елементи колку побрзо толку подобро, рече Ахмети.

Хан во текот на денот ќе има работен ручек со премиерот Никола Груевски, а потоа ќе присуствува на Политичкиот дијалог на високо ниво (ХЛАД), во чиј фокус ќе бидат реформите. Како што тој најави, утрешниот ден ќе го искористи за посетување на граничниот премин во Гевгелија и прифатниот центар за бегалци.

Ееврокомесарот претпладнево присуствуваше и на состанокот на Националниот совет за евроинтеграции каде повика да се спроведат реформите меѓу кои и владеењето на правото и слободата на медиумите. За изборните реформи Хан посочи дека мора да се спроведат до изборите, кои пак Европската комисија директно ќе ги набљудува, и истакна дека овој период е од суштинско значење за Република Македонија, особено поради Извештајот за напредокот кој следи.

Извор: Нова ТВ.

 

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.