Николовски: Законот е изгласан, а каква е содржината ќе се цени доколку се отворат преговорите
Емитувањето на првите прислушкувани разговори беше во февруари 2015, сега е февруари 2020 – политичката криза трае 5 години, така што е неодржливо за било кого да продолжи оваа политичка криза. Мислам дека и ние и СДСМ ги „збудалевме луѓето“. На Македонија и е потребна стабилност и мир. Како и да завршат изборите треба да заврши кризата и да имаме еден дух на соработка во годините кои што доаѓаат“, изјави за Утрински брифинг на „Слободна ТВ“ Александар Николовски, потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ.
Николовски смета дека Уставниот суд е една институција која мора да се изјасни по оваа работа, како одговор на прашањето кои се правните инструменти што ВМРО-ДПМНЕ ќе ги бара околу проценката на постапката на гласање во Собранието околу Законот за ЈО.
– Било кој функционер надвор од Македонија секако дека ги гледа резултатите – резултатот е дека законот е изгласан, а каква е содржината на законот, секако дека ќе се цени доколку се отворат преговорите. Она што ме загрижува, мислам дека ќе има поларизација на нашите поддржувачи. Од една страна социјалистите, од друга страна десничарите од ЕНП. Тие пораки биле злоупотребувани во минатото, не гледам дека ќе биде и сега поинаку. Многу имаме за менување по изборите, вели Николовски.