Потпишани договорите за мерката „Самовработување“, голем интерес од млади лица до 29 години
Објавено: 25 ноември, 2025, во 15:25 часот
Во просториите на Владата, денеска, беа потпишани договорите со корисниците на мерката „Самовработување“ од Оперативниот план за 2025 година. Поддршката е насочена кон младите претприемачи, лицата кои прават кариерен пресврт и здружените претприемачи кои покажуваат дека соработката носи најдобри резултати, а мерката се спроведува преку Агенцијата за вработување.
Министерство за економија и труд соопшти дека на јавниот повик аплицирале 6.045 граѓани и од нив избрани се 2.545 да продолжат со реализација на своите бизнис-проекти.
„За мерката во 2025 година се обезбедени 25 милиони евра, што претставува двојно зголемување во однос на 2024 година. Особено значајно е високото учество на млади лица до 29 години, кои се препознаени како двигатели на новата економска енергија. Во 2026 година, младите ќе добијат и дополнителни форми на поддршка за отворање сопствен бизнис и побрзо вклучување на пазарот на труд,“ додаваат од министерството.
-На сите кои денес започнуваат нова бизнис-приказна им честитаме и им посакуваме успешна реализација. Новите претприемачи се важен дел од локалниот економски развој, креирањето нови работни места и позитивните промени што ја движат државата напред, рече министерот за економија и труд Бесар Дурмиши.
Дума.мк

