Се зголемува бројот на новозаразени од Ковид, засега нема дополнителни превентивни мерки

Објавено на 22 јули, 2022 во 09:41

Епидемиолошката состоjба во државата е стабилна и засега нема да има дополнителни превентивни мерки. Има зголемување на бројот на новозаразени случаи, но Комисијата за заразни болести на вчерашниот состанок, констатира оти според бројот на слободни болнички кревети и бројот на починати се уште се наоѓаме во зелена зона и дека за сега нема потреба од дополнителни нови мерки.

Остануваат да важат мерките за задолжително носење заштитна маска во јавниот превоз, здравствените установи, аптеките и установите за згрижување на возрасни лица и лица со попреченост.

Бројот на активни случаи изнесува 3.838, откако вчера беа регистрирани 788 нови случаи со КОВИД-19, што е четврти ден по ред со над 700 нови случаи.

Речиси половината од сите случаи – 1 865 се во Скопје, по што следат Куманово – 194, Охрид – 172 и Кавадарци – 170.

Градот Скопје, како што рече портпаролот на Комисијата за заразни болести, Злате Мехмедовиќ, во моментот е најзасегнат со новозаразени пациенти и поради тоа е одлучено во текот на наредната недела да почнат со работа пет нови КОВИД амбуланти на територијата на градот.

Поточно, во просториите на Здравствен дом – Скопје и ќе бидат во петте поголеми поликлиники во Скопје – во „Идадија“, „Ѓорче Петров“, „Јане Сандански“, „Ченто“ и во Чаир.

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.