Сегашните мерки се доволни, нема затворање за празниците
Вчера во Србија беше регистриран првиот случај со омикрон. Новиот сој веќе е присутен во Хрватска, Црна Гора, Грција, Словенија. Засега кај нас според надлежните доминантен е делта сојот на Ковид -19.
Министерот за здравство Венко Филипче пред некој ден изјави дека нема да има нови мерки, а исто така и дел од ковид центрите се затвораат и целата интерна клиника се враќа во нормала.
Според Филипче, сегашните рестриктивни мерки во пресрет на новогодишните празници се доволни со оглед на тоа, што, како што рече, такви собири на јавни места има насекаде и пред Нова година.
Министерот смета дека кулминација ќе се достигне за време на новогодишните празници и потоа сето тоа ќе спласне.
Според Филипче, не може да се предвиди дали некоја варијанта на вирусот ќе придонесе да се влоши епидемиолошката ситуација, но како што рече, акцент е ставен на вакцинацијата, оти според податоците од студиите, третата доза ја зголемува ефикасноста против најновиот сој омикрон.
Во однос на вакцинираните, министерот смета дека процентот е висок, но и дека интересот е спласнат.
Досега во земјата се направени вкупно 1.562.088 тестирања на Ковид-19. Вкупната бројка на Ковид-дијагностицирани лица од почетокот на епидемијата изнесува 222.333. Бројот на оздравени пациенти е 209.291, на починати е 7.868. Вкупно има 5.174 активни случаи.