Семејството бара слобода за битолчанецот кој го уби поранешниот зет: „20 години тргавме маки“
Откако вчера битолчанецот Тони Ѓорѓевски Фердо доби 30 дневен притвор за убиството на својот зет, неговиот син денеска организира мирен протест пред Основниот суд во Битола за укинување на мерката притвор и можност да се брани од слобода.
„Драги пријатели, добро намерници и сите што ја знаете вистината за мојот ТАТКО кој што си ја бранеше својата фамилија од 20 годишните маки. Ве повикувам на ден 23.02.2022 г. во 12:00ч. заедно со мене и мојата фамилија на мирен протест пред Основниот суд во Битола поради одлуката на судот за притвор на мојот ТАТКО и истиот да биде пуштен дома за да се брани од слобода за дело кое што го направи во самоодбрана и нужна одбрана и спаси пет други животи, заедно со неговиот шест. Протестот е уредно пријавен во Полиција. Ве молам споделете и Ви благодарам за поддршката на сите!“, напиша Јове Ѓоргиевски, син на Тони Ѓоргиевски – Фердо.
Битолското обвинителство отвори истрага и побара притвор за 62-годишниот Битолчанец, кој, со пиштол, го уби поранешниот зет за ќерка, кога тој вооружен со долг нож, насилно упадна во неговиот дом.
Според обвинителството, осомничениот извршил убиство со умисла, откако сега починатиот, ја скршил влезната врата, и влегол во куќата на неговиот тест, кој го пречекал во претсобјето и смртно го застрелал со пиштол што го поседувал со дозвола.
По увидот, јавниот обвинител издаде наредба за обдукција на телото на починатиот и прибирање докази од местото на убиството а исто така, обезбедени се снимки од видео-надзор на објектот.