Спасовски: Досега преку новите базни станици издадени 16.600 патни исправи за наши граѓани

Согласно новиот проект од страна на МВР обезбедени се и инсталирани вкупно 11 базни станици, и тоа во Њујорк, Венеција, Брисел, Стокхолм, Љубљана, Лондон, Берн, Виена, Бон, Берлин, и Минхен, како и 5 мобилни станици.
Од самиот почеток на проектот заклучно со октомври 2022 година, вкупно се издадени 16.600 патни исправи преку ДКП-ата, а само во Берлин се издадени 1.800 патни исправи.
Ова го истакнал министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, кој за време на работната посета во Берлин, Сојузна Република Германија, по повод учество на Самитот на министрите за внатрешни работи во рамкие на Берлинскиот процес за Западен Балкан, остварил средба со вршителот на работи во македонската Амбасада во Берлин, Сојузна Република Германија, Драган Петковски.
За време на средбата, соопштија денеска од МВР, било потенцирано дека поради големиот број наши граѓани кои живеат и работат во Сојузна Република Германија, од големо значење е базната станица за издавање на патни исправи во Берлин, која е дел од заедничкиот проект на Министерството за внатрешни работи и Министерството за надворешни работи отпочнат на 01.10.2021 година, а во врска со поднесување барања за издавање на патни исправи преку дипломатско-конзуларните преставништва.
Министерот Спасовски изразил задоволство што целокупниот процес – од поднесување на барање до изготвување на патните исправи трае од 15 до 30 дена.
– Ова е сериозно кратење на времетраењето на процедурите, ако се земе предвид дека досегашната постапка за издавање на пасоши просечно траеше од четири до пет месеци, со големи трошоци, а сега овозможуваме прием на барањата за патни исправи во дипломатско-конзуларните претставништва и нивно процесирање на дневна основа, со проверка на податоците во реално време, истакнал министерот Спасовски.
Министерот Спасовски потенцирал дека се намалени и гужвите на шалтерите на управните служби за време на летните месеци во Македонија, бидејќи граѓаните истата услуга ја добиваат во конзулатите во државите во кои живеат.
– Ова е уште една потврда за остварената цел – МВР да биде вистински сервис за граѓаните, да овозможиме ефикасен и економичен одговор на нивните потреби, подвлекол Спасовски.
