ССМ: „ Ајде нека дојдат тие што сакаат да стават катанец на „Колска“ за да видат дали тоа ќе им го дозволиме“(ФОТО)
Работниците на велешка „Колска“, ги блокираа утринските возови на Железничка станица а потоа во поворка, пеш, дојдоа до центарот на Велес каде пред зградата на Управата за јавни приходи повторно ги вклучија сирените и го изразија револтот од обидот на оваа државна институција да стави на продажба дел од фабричкиот имот.
Седумдесет и осумте работници од платото на фонтаната на плоштад „С`рмаале“ се симнаа на коловозот на главната сообраќајница „8 Септември“ и го блокираа сообраќајот во градот. Штрајкот го организира синдикалната организација на ССМ а го предводеа првите синдикалци на фабриката, на гранковиот синдикат и на ССМ.
-Никој од Влада не не побара и не ни се јави од вчера. УЈП стави дел од зградите и погоните под хипотека. Значи ќе се продаваат а работниците ќе си одат дома. Ќе ја затворат единствената фабрика за поправка на патнички и товарни шински возила за да ги носат во Бугарија, во Србија и да плаќаат со наши пари во странски држави. Тоа значи дека 78 работници ќе останат без работа, ќе си одиме дома, рече Тони Арсовски претседател на синдикалната организација на „Колска“.
-На најјако ги вклучивме сирените пред канцелариите на УЈП во Велес за да кажеме дека никој не смее да го крчми работничкиот имот. Ние ќе се исправиме и пред државата и пред УЈП и нема да го дозволиме тоа. Вчера ССМ ја пријави државата во Државен трудов инспекторат и побара вонреден инспекциски надзор за исплата на минимална плата под 18.000 денари, надвор од законското решение. Денеска заедно со директорите на „Колска“ ќе стапиме во контакт со претседател на Основен суд Велес и ќе бараме да се изврши вештачење за да ни ги гарантира државата платите како и трошоците за комуналии во фабриката на која мора да се обезбеди опстанок. Работниците на „Колска“ бараат работа затоашто не се администрација за која Владата милува да каже дека не работи. Овие се квалификувани работници од кои ние, помладите, треба да научиме како фабриката може да опстои, рече Дарко Димовски претседател на ССМ.
-Ако во овие два дена не допре гласот на работниците на „Колска“ и на ССМ до надлежните институции во државата, покрај годишните одмори, од ова место ветуваме само едно: Ќе се вратиме во септември во Велес но, начинот на изразување на работничкиот револт согласно законот за шрајк и прописите во Република Македонија, ќе сториме се за малку повеќе да се замисли државата дека тоа што им го прави на овие работници не е добро. Ајде нека дојдат тие што сакаат да стават катанец на влезна капија на фабриката за да видат дали тоа ќе им го дозволиме, рече Мичо Арсовски претседател на гранков синдикат за сообраќај и врски на ССМ.
Работниците, гранковиот синдикат за сообраќај и врски како и ССМ ги повикаа пратениците од Велес и градоначалникот да ги слушнат работничките проблеми и да се вклучат во изнаоѓање на решение за обезбедување на леб и егзистенција за вработените во „Колска“.
Прва поддршка на своите поранешни колеги им дадоа поранешно вработени работници во „Колска“. На денешниот, втор ден од штрајкот, пензионерите коишто од медиумите дознале, беа дел од поворката и се фатија за рачката на сирените во знак на солидарност. Двајца од нив раскажаа како во велешката фабрика за шински возила го репарирале „Синиот воз“ на Јосип Броз Тито и како работеле, ги обучувале денешните квалификувани работници на „Колска“.
-Дваесет и две години сум пензионер кој целиот работен век го помина во „Колска“. Фабриката била и ќе остане единствена фабрика за репарација на железнички вагони. Овие работници се пред пензија а зошто млади не се примаат на работа? Кога ние работевме, во времето на Југославија, репариравме по 120 вагони, месечно и бевме над 500 вработени. На времето во Југославија бевме препознатливи по квалитетната работа затоа носеа вагони од територијата на целата тогашна држава, од Сараево, од Белгад, од Загреб итн. Сега да не работи фабриката, тоа ќе биде најголема штета и срам за државата, рече Јордан Ацков.
-Шестнаесет години сум пензионер. Во времето кога бев работник беа постојано вработувани млади луѓе кои преку обуки ги правевме квалитетни квалификувани работници. Затоа имаше квалитет во работата и „Колска“ важеше за најдобра фабрика. Во седумдесеттите години, на минатиот век, го репариравме „Синиот воз“ на Тито. Тоа е доволно за да се потврди квалитетот што можат да го дадат овие квалификувани работници, занаетчии. Кога денеска ги гледам сум тажен и срце ме боли и за нив и за фабриката ,рече Александар Јорданов.
По едночасовната блокада на сообраќајот во центарот на Велес работниците и првите луѓе на ССМ одлучија да го стават штрајкот во мирување. Но штом завршат годишните одмори ветија дека повторно ќе биде активен и ќе ги соопштат методите и постапките коишто ќе ги превземат во борбата да ја спасат државната фабрика од државата.
Убавка Јаневска