Кризата го разнишува сончевиот циркус ?
Објавено: 18 јануари, 2013, во 12:25 часот
Економската криза си носи последици дури и во светот на забавата. Cirque du Soleil (Сончевиот циркус), најпознатата компанија за забава во светот, во 2011 тежеше милијарда долари.
Неделава, циркусот објави дека ќе мора да отпушти 400 вработени. Формирана во 1980-та од Гај Ла Либерте, оваа група забавувачи стана најпозната во светот. Има 5000 вработени од кои 1300 уметници. Рене Клод Менар, директор за односи со јавност во оваа компанија за забава изјави дека раководството се одлучило да отпушти вработени од повеќе причини како и поради нештата кои не оделе според планираното. 2012 година е единствената во историјата на Cirque du Soleil во која не е забележан профит. Претходната година приходот на трупата изнесувал 250 милиони долари. 400 вработени ќе бидат отпуштени до март 2013 година.
Компанијата сака да ги преполови трошоците по претстава кои сега изнесуваат 50 милиони долари. Годинава, трупата најави нова претстава наречена „Кортео“, промовирање на филмот „World away“ како и претстава посветена на Мајкл Џексон. Сеуште е незаборавен настапот на Cirque du Soleil на ноќта на оскарите минатата година. Претставниците на циркусот велат дека компанијата ја достигнала зрелоста и дека тековната криза нема да го наруши нејзиното функционирање како најпозната компанија за забава во светот.
