Владата ќе ја одржи 49-та седница
Предлог-програмата за изменување и дополнување на Програмата за финансиска поддршка во земјоделството за 2022 година, изготвена од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство ќе биде разгледа денеска на редовна седница на Владата, чиј почеток е закажан за напладне.
На 49-та седница на Владата треба да биде разгледана и Информацијата во врска со усвојување на Планот за енергија и клима на Република Северна Македонија, на предлог на Министерството за економија.
Дел од дневниот ред е и Информацијата за усвојување Национална стратегија за борба против измами и заштита на финансиските интереси на Европската Унија во Република Северна Македонија 2022-2025 година со акциски план за нејзино спроведување, изготвена од Министерството за финансии.
Од Владата најавуваат дека за заклучоците и одлуките од седницата јавноста ќе биде информирана со соопштение, веднаш по нејзиното завршување.