За околу 92 проценти од работниците во државата недела ќе биде ден на неделен одмор
„Недела, ден на неделен одмор е предизборно ветување и вградено во Владината програма. Тоа претставува испорачување на баланс помеѓу професионалниот и приватниот живот на работниците. Само за дејностите кои се неопходни за функционирање на државата ќе има исклучоци и тоа се четириесетина дејности. Оние работници кои ќе работат во недела ќе добиваат дневница за најмалку 50% додаток на редовната дневница и ден за неделен одмор во следните седум дена“, посочи министерката Шахпаска во гостување во емисијата „Што мисли Народот“ на Телевизија Стар.
Министерката потенцираше дека за ова законско решение заедно со социјалните партнери се дискутираше шест месеци и беа одржани пет седници на Економско социјалниот совет.
„Заедно со Организацијата на работодавачи, Сојузот на синдикати, репрезентативните и не репрезентативните синдикати, Сојузот на стопански комори, отворено разговаравме за сите прашања и имавме слух за сите засегнати страни. Притоа, неопходна беше измена и во Законот за трговија и работата на моловите, каде како предуслов да работат во недела беа поставени скратено работното време, слободен ден за неделен одмор и 100% дневница.
Таа нагласи дека само 30% од работниците кои се во дејностите кои се исклучоци ќе работат во недела. Тоа се само 8% од вкупниот број на работници, што значи дека 92% од работниците во државата нема да работат во недела.
Ова законско решение предвидува и 2% од прометот да биде уплатен во Буџетот за изградба на детски градинки.