Законските измени: Поголема дневница за работниците коишто ќе работат во недела
Предлог законот за изменување и дополнување на Законот за работните односи во второ читање е на дневен ред на денешната седница на собраниската Комисија за труд и социјална политика.
Работниците коишто ќе работат во недела ќе добијат поголема дневница и слободен ден, што ќе може да го користат во наредните седум дена.
Станува збор за работните места каде што не е можен прекин на техничко-технолошкиот процес. На работниците ќе им следува додаток на плата за работа во недела и тие ќе добијат опција да имаат слободен ден во текот на неделата. Додатокот за работа во недела и за празници треба да изнесува најмалку 100 отсто од дневницата за секој час поминат на работа.
Трговските центри во недела ќе работат само во една смена, од 10 до 18 часот.Трговските субјекти во моловите ќе имаат обврска да уплаќаат износ во висина од 2 отсто од остварениот промет во недела во Буџетот, а овие средства ќе бидат искористени за основање на нови детски градинки.
Министерката за труд и социјална политика, Јагода Шахпаска најави дека се предвидени и санкции за непочитување на законските решенија, односно забрана за вршење дејност или прекршочен налог.
За спроведување на овој закон се потребни дополнителни финансиски средства од државниот Буџет. Врз основа на расположивите податоци за бројот на вработени во јавен сектор, кои би работеле во недела (30 проценти), просечната плата во земјата се проценува дека фискалните импликации би изнесувале околу 43.100.000 денари месечно, односно 516.600.000 денари на годишно ниво.