Започна електронското пријавување за сместување на студентите во студентските домови
Објавено: 15 јули, 2025, во 16:20 часот
Електронското пријавување за сместување во државните и приватните студентски домови низ државава за академската 2025/2026 година, започна од денеска и ќе трае до 31 јули. Право на електронска пријава имаат студентите од втора и повисоките години, на додипломски студии и апсолвентите.
Во објавениот Конкурс на Министерството за образование и наука, пишува дека слободни се вкупно 4264 места во студентски домови во Скопје, Штип, Битола, Тетово, Охрид и Прилеп. Од вкупниот број 851 место се наменети за бруцоши додека 3413 места се за студенти од втора и повисоките години на студии.
Студентите кои ќе аплицираат за легло во некој од студентските домови треба да пополнат електронска пријава и да ја прикачат соодветната документација на интернет-порталот http://e-uslugi.mon.gov.mk . Студентите може да конкурираат за прием само за еден студентски дом. Доколку по објавување на конечните списоци со примени студенти по домови останат непополнети сместувачките капацитети пријавувањето ќе продолжи сè до нивното пополнување, но најдоцна до 30 ноември, годинава.
Конкурсот на МОН ги содржи условите за прием на студенти во домовите како и начинот на електронско пријавување, начинот на кој се врши распределбата на расположивите места, документите потребни за аплицирање, конкурсните рокови и постапката за прием во студентските домови.
Рокот за прием на студенти во студентските домови од прва година ќе почне по завршување на уписниот рок на факултетите во месец август и ќе трае од 10 до 17 септември 2025 година.
Дума.мк


