Тутунопроизводителите со петиција до Владата: Одбранете не од СЗО
Македонската делегација, од министерството за здравство, што наредниот месец ќе учествува на CoP5 средбата во Јужна Кореја да гласа против мерките на Светската здравствена организација со кои ќе се ограничат земјите и производството на тутун, ќе се укинат директните вложувања на Владите во тутунопроизводството и не ќе смее да се субвенционира одгледувањето на оваа култура. Мерките што СЗО сака да ги воведе директно ќе посегнат врз егзистенцијата на 130 илјади тутунопроизводители или 30 илјади семејства во Македонија затоа што се бара одгледувањето тутун да се врши во строго определени годишни сезони, да се намалат површините под тутун и да се распуштат сите тела кои ги поврзуваат Владите со тутунопроизводителите, напиша Сојузот на здруженија на Тутунопроизводители во петицијата до македонската Влада.
Петицијата беше документот за кој денеска во Велес разговараше извршниот одбор на еснафското здружение и притоа го одбележаа 28 октомври, светскиот ден на тутунопроизводители. Дојдоа од цела Македонија, како што рекоа, да се обидат да се заштитат од директната закана што веќе им ја упатила СЗО.
„Ова нам не смее да и се случи на два века старата традиција на одгледување на оваа култура. Без разлика што Македонија ја потпиша Рамковната конвенција за контрола и откуп на тутунот, бидејќи спаѓа под наркотици, ние имаме цврсти договори за надзор од страна на државата па бидејќи досега СЗО не најде алтернатива ние ќе продолжиме да произведуваме тутун. Сепак се плашиме од епилогот на средбата која ќе се одржи на 17 ноември во Сеул каде повторно на барање на СЗО ќе се расправа и ќе треба да се донесат заклучоци па бараме цврсти гаранции од нашата Влада дека таму ќе не заштити“, рече претседателот Данчо Милевски.
Овие препораките на СЗО македонските тутунопроизводители ги подразбираат како досега најголема закана. Ако се прифатат тоа во Македонија ќе им донесе беда и сиромаштија на околу 250 илјади граѓани кои живеат од тутунопроизводството.
