Богатата историја на латино танците во светот
Кога помислуваме на латино танци, првото нешто што ни паѓа на ум се сензуалното танцување, приказната и страста што се испраќаат со секој направен чекор, но и различната култура што сѐ повеќе не обединува со љубопитноста и желбата за изучување на овие танци. Без разлика дали станува збор за Танго, Самба, Бачата, Салса, Чачача, или пак, Меренге, латино танците познати по својот енергичен ритам имаат долга и богата историја.
Тангото, важи за еден од најпопуларните танци во светот, датира од 19-ти век, но својот пробив го има веќе во 20-тиот век. Потекнува од улиците на Буенос Ариес и има нежни, но истовремено моќни и грандиозни движења што ја симболизираат љубовта и претставува рефлексија на животот во Аргентина. Како препознатлив белег, тангото е прогласено за светско културно наследство заштитено од УНЕСКО.
Самбата е весел и динамичен, брз танц преку кој ги искажуваме нашата радост и енергичност. Самбата е главниот симбол и национален танц на Бразил, кадешто секоја година во Рио де Жанеиро се одржува најмасовниот карневал во кој се слави културата, традицијата и се означува почетокот на велигденските пости. Овој вид танц со бразилско потекло, но и со африкански корени станува популарен во раните 1940-ти и промовира социјално поврзување и заедништво.
Бачата е уметнички танц проследен со допири и движење на колковите, познат по истакнување на чувствата и душата преку танцување. Потекнува од 1960-та година, од Доминиканската Република. Темите за танцување се романтични и последниве години е вистинска атракција за изучување, но и за танц натпревари насекаде низ светот.
Бројни истражувања говорат дека латиноамериканските танци позитивно делуваат врз физичкото и ментално здравје. Ја подобрува самодовербата, концентрацијата и работата на срцето. Со латино танци се зајакнува организмот, се подигнува расположението и гради инклузивност промовирајќи здрав начин на живот, особено потребен кај младата популација за правилен раст и развој.
Доколку сакате да погледнете во живо, но и да уживате во глетката на некои од овие танци, во периодот од 6-ти до 11-ти ноември, во хотел „Александар Палас“ во Скопје, Македонија ќе биде домаќин на Светското првенство во латино танци. Предвидено е учество на над 2000 учесници од 20 различни земји во светот, а танцовите студија од земјава „Eat the Beat“ и „Break a leg“ како организатори ветуваат едно незаборавно латиноамериканско искуство. Да, за аргентинско танго можеби се потребни двајца, но за посета на Светското првенство е потребна само желба!
Дума.мк