(ВИДЕО) Јадранско Море ја однесе скулптурата Балерина во Будва
4.01.2021
Бурата која ја зафати Будва ја однесе статуата Балерина, заштитен знак на градот. Балерината беше поставена на карпа кон плажата Могрен. Членот на советот на месната заедница Стари град Лука Вучковиќ рекол дека чекаат да се смири морето, за да реагираат и да ја најдат статуата, дело на вајарот Градимир Алексиќ.
Жителите на Будва велат дека не паметат дека вакво нешто се случило.
Скулптурата е можеби една од најпознатите и најфотографираните атракции не само на Будва, туку и на цела Црна Гора. Убавата и елегантна бронзена гимнатичарка, поставена на карпа во близина на плажата Могрен, е симбол на предаденоста. Но и покрај големата популарност малкумина го знаат нејзиното потекло. Меѓу локалните жители постојат разни легенди за „Гимнастичарката од Будва“.
{vembed Y=tgneXuGIjkY}
Има неколку верзии, а една вели дека е скулптура на позната гимнастичарка од Црна Гора која паднала од карпите во близина. Но нејзиното име никој не може да го каже. Други велат дека таа е сведоштво за трагичната судбина на млада вљубена двојка. Момче и девојка се капеле во близина и ги нападнала ајкула. Девојката се спасила, но не и момчето. После оваа трагедија таа секоја вечер доаѓала на карпата и чекала саканиот да излезе од морето. Чудо не се случило, а таа не можела да живее без својата љубов. На местото каде што завршил нејзиниот живот, се појавила статуата како спомен на чиста љубов.
Но постои уште една прилично популарна и романтична легенда. Одамна во Будва живеела млада заљубена двојка: девојка танчарка и морнар. Тој често бил на море, а девојката го чекала на брегот. Секое утро доаѓала на оваа карпа, танцувала и гледала во далечината надевајќи се дека ќе се појави бродот со нејзиниот сакан. Поминале години, дошле многу бродови и морнари, но нејзината љубов никогаш не се вратила во Будва. Сепак, таа продолжила да го чека. Наскоро починала, му останала верна на својот свршеник, а оваа приказна станала совршен пример за верност, вистинска љубов и саможртвување.