„Топ Ган: Маверик“ го симна „Титаник“ од тронот на најуспешни филмови на сите времиња
Блокбастерот „Топ Ган: Маверик“ на Том Круз ги руши сите рекорди, а сега му одзеде и важна титула на еден од најпопуларните филмови на сите времиња, „Титаник“.
Освен тоа што беше прогласен за најуспешен филм во 2022 година и најуспешен филм во кариерата на Круз, новиот „Топ Ган“ заработи 662 милиони долари на американските кино-благајни, надминувајќи го „Титаник“, кој само во Америка заработи 660 милиони долари, пренесува „Вариети“.
Со вкупна заработка на благајните од излегувањето на филмот, а заклучно со минатиот викенд, новиот „Топ Ган“ го зазеде седмото место на листата најуспешни филмови на сите времиња во САД, одземајќи му ја престижната титула „Титаник“.
Долгоочекуваното продолжение на филмот доби пофалби од критичарите и покрај забелешките дека не е во допир со реалноста: „’Топ Ган: Маверик’ е сè она што критичарите велат дека е – забавен, возбудлив, ода на индивидуалната храброст и, на неколку места, вистински трогателен. Но, исто така, е длабоко луциден филм кој, и покрај тврдењата за реализам (актерите летаат во вистински авиони), дава прилично нереална слика“, напиша slate.com.
Освен големиот успех на кино-благајните, новиот „Топ Ган“ ги сруши и предрасудите. Имено, многу мажи признале дека плачеле додека го гледале филмот.
Иако новиот блокбастер незапирливо се искачува на американските топ-листи, сепак, трката не е завршена. Имено, на глобално ниво, „Топ Ган: Маверик“ досега има заработено 1,3 милијарди долари, додека вкупната глобална заработка на „Титаник“ е 2,2 милијарди долари.