Шетачките карпи во Долината на смртта не се веќе мистерија

Објавено: 25 јули, 2014, во 07:34 часот

Гигантските „шетачки“ карпи од Рејстрак Плаја, веќе со децении се мистерија за научниците од целиот свет. Зад себе тие оставаат трага на движење долга и по 250 метри, а никој никогаш не ги видел да се движат. Геолог од NASA смета дека го пронашол одговорот.

Професорот Ралф Лоренц смета дека мразот ги опфаќа карпите во текот на зимата, а кога почвата полека се натопува и станува кал, мразот им овозможува на карпите да „плутаат“ по калта. Благодарение на силните пустински ветрови, карпите можат без проблем да се придвижат, објаснува Лоренц во интервју за магазинот Smithsonian. Научниците досега не успеале да го снимат нивното движење, а се смета дека никој никогаш не ги видел во движење. Лоренц својата теорија ја развил по едноставен експеримент во кујната.

Замрзнал еден камен со толку вода, толку колку што е потребно еден мал дел да остане надвор од мразот. Го превртил каменот и го ставил во мал базен со вода и песочно дно. Мразот му овозможил на каменот да плута и да го допира песокот..Лоренц успеал да го помрдне каменот со дување во него. Досегашните истражувања покажаа дека за помрднување на карпите во Долината на смртта би бил потребен неверојатно силен ветар, кој дува со брзина од неколку стотини километри на час. Теоријата на Лоренц укажува на тоа дека во вистински услови би бил доволен и слаб ветар. Покрај новите објаснувања за движењето на карпите, ренџерите од паркот наведуваат дека голем број посетители и натаму им припишуваат митски својства.

Лани почна и истрага за исчезнувањето на неколку карпи. „Имавме неколку случаи кога луѓето се обидоа да ги украдат карпите. Не сфаќаат дека надвор од Долината на смртта немаат никаква вредност“, вели Тери Валдино, портпарол на Долината на смртта.

 

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.