Кралицата Елизабета Прва била маж!
Книга за британската круна ги разбуди сомнежите за најголемата теорија на заговор во историјата на Велика Британија, според која, кралицата Елизабета Прва всушност била преправен маж.
Така барем тврди американскиот писател Стив Бери, чија книга се базира на теоријата на Брам Стокер, најпознат по делото „Дракула“. Стокер бил толку уверен во теоријата за маж преправен во британската кралица, така што ја вметнал и во последното поглавје на својата книга „Импостерс“. Според теоријата, пред 470 години младата Елизабета била испратена надвор од Лондон за да ја избегне епидемијата на куга.
Но, Елизабета тешко се разболела, а нејзиниот татко, кралот Хенри VIII бил на пат кон малото село Бисли во кое за неговата ќерка се грижеле леди Кет Ешли и Томас Пери. Десетгодишната Елизабета починала, а нејзините старатели се нашле во големи проблеми – кога кралот ќе дознае дека неговата ќерка е мртва, Кет и Томас ќе бидат погубени. Заради тоа, одлучиле да го измамат кралот барем на неколку дена за да успеат да побегнат од земјата. Решиле да побараат девојче што би го облекле во алиштата на принцезата, но во селото немало ниту едно девојче на слична возраст како Елизабета, па решиле да го преправат момчето Невил со кого принцезата сакала да си игра на село. Планот им успеал и го измамиле кралот. Тој релативно ретко ја гледал својата ќерка која и онака била многу срамежлива и ретко зборувала во присуство на својот татко, човекот кој дозволил нејзината мајка да биде обезглавена.
Кет и Томас ја погребале принцезата, а потоа почнале да го учат момчето да се однесува како вистинска принцеза. Неколку работи оделе во прилог на оваа теорија. Пред сè, Брам Стокер упорно тврдел дека околу 1800 година еден припадник на клерот во Бисли пронашол труп со скелет на девојче во најпрефинет фустан на династијата Тудор со вшиени скапоцени камења. Добра подлога на теоријата дал и фактот што Елизабета Прва се заколна дека никогаш нема да се мажи и покрај тоа што била последна во лозата на Тудорите и единствена надеж да даде престолонаследник. Исто така, Елизабета често сакала да нагласи дека има срце на маж. „Имам срце и желудник на крал и тоа крал на Англија“, им рекла на британските трупи кај Тилбури, во моментот кога им се приближувала шпанската армада.
Можеби и буквално имала срце на маж.
