Хотел од мраз
Хотелите од мраз се привремени градби кои секоја година мораат да се обновуваат, бидејќи преку лето се топат, а ниту нивните гости не остануваат долго, обично само на една ноќ.
Наместо малтер, ѕидовите на замрзнатите хотели се поврзани со материјал познат како „снајс“, чија структура е нешто помеѓу снег и мраз, пишува на веб-страницата на Ајс хотелот. Најстариот хотел од мраз со повеќе од 80 соби се наоѓа во близина на реката Торне, околу 200 километри јужно од Арктикот. Целиот хотел е направен од мраз од арктичките подрачја. Местото во Шведска каде што се наоѓа овој хотел се вика Јукасјарви, што значи место на средбата. Концептот на овој хотел е создаден во 1989-тата година, кога архитектите направиле големо игло на реката Торне заради една изложба.
Хотелот се гради во доцна есен и останува до пролет, кога мразот започнува да се топи. Секоја година хотелот добива поразличен изглед и нови скулптури, и на тој начин нуди единствено искуство при секоја посета. Целта била да се привлечат туристи во пределите каде – 40 степени Целзиусови е нормална температура. Повикани се архитекти од Јапонија и подоцна замрзнатиот хотел ги отворил своите врати. Температурата во внатрешноста е попријатна од надворешната, но на оние кои се чувствителни на студ не им се препорачува ноќевање. Овој шведски хотел од мраз има мултиплекс кино, театар, бар каде пиењето се служи во чаши од мраз, црква, како и музеј.
Се спие во специјални вреќи, а цената на ноќевањето во зависност од периодот од годината се движи од 1070 до 1440 долари по лице.
