Каква фризура – со луксузна тоалета?
Секоја девојка, па и жена барем еднаш во својот живот сака да облече долга тоалета со која ќе може да ја истакне својата силуета, елеганција, софистицираност и гламурозност.
Зухаир Мурад воден од паролата „Good girl gone bad“ се одлучи за фризура балеринска пунџа. Имено косата е собрана долу на вратот во пунџа која може да биде мотана, или собрана како кај балерините. Косата на темето е благо подигната, во ретро стил, што на самата фризура и дава еден префинет изглед. Предниот дел кај челото е разделен со патец на средина, шишките се генерално прибрани, но ако се пократки може да се вее и некој испуштен прамен.
Акцентот е ставен на лицето, тоа е целосно откриено и доаѓа во преден план. Што се однесува до шминката, очите го однесоа приматот како најважни во истакнување на женската убавина. Акцентирани со туш за очи, темна сенка која го креира замаглениот поглед, а сенките со седефаст сјај служат да ја истакнат гламурозноста. Резултатот е бледо лице, и усни на кои има ставено само дискретен сјај, кој ја нагласува нивната свежина и природност.