Современиот маж се негува!
Да се испланираат сите барања не е воопшто лесно, затоа денешниот маж може често да се види во сауна, базен, на фризер или во козметички салон.
Мажите сѐ повеќе се негуваат со квалитетни препарати прилагодени на нивниот тип на кожа, а многумина користат и дискретна транспарентна шминка, која им дава посвеж изглед и го прикрива заморот на лицето.
Најчест проблем со кожата
Покрај вообичаените појави кои создаваат проблематична кожа, кај мажите постојат и дополнителни елементи.
Доколку е масна, ќе се препознае по митесерите, акните и сјајноста. Но, овој тип на кожа кај мажите има и дополнителен проблем поради влакната во пределот на лицето бидејќи постои опасност фоликулите на влакната да се воспалат и да предизвикаат болно црвенило. Масната кожа особено бара редовни третмани во салоните за нега и употреба на соодветни креми и средства за чистење.
Сувата кожа е дехидрирана и брзо се брчка, а ако не се негува станува уште посува поради секојдневното бричење и користење на лосиони за дезинфекција со поголем процент на алкохол или употреба на несоодветни креми. Затоа и не е реткост да се види исперутана, иритирана и црвена кожа. Третманите за овој вид на кожа најчесто се состојат од масажи со разни хранливи масла, како и маски посебно произведени за тоа. Со редовна примена не само што се избегнува перутот и непријатното чувство на затегнатост, туку се забавува и стареењето и брчкањето на кожата, а со употреба на неагресивни лифтинзи, се освежува комплетниот изглед.
Проширените капилари на лицето, куперозата, многу пати погрешно се толкува како последица на претерана употреба на алкохол, а не како болест на кожата. Овој проблем бара упорност и редовна посета на салоните за нега како и редовно користење на лековити креми против црвенило.
Се разбира, како за женската, така и за машката кожа, важат советите за употреба на природни средства како алтернатива и мошне успешен начин да се добие посакуваниот изглед.