Убави и без шминка!
За сѐ важи правилото да се посвети внимание. Ова особено важи за кожата и телото кога сакаме да постигнеме природна убавина. Еве неколку совети за убав изглед без шминка.
Редовна нега на кожата
Прв чекор да се постигне природна убавина е кожата редовно да се одржува. На убавата кожа не ѝ требаат додатоци за разубавување. Таа сама по себе восхитува.
За да се одржи, кожата треба да се чисти редовно од нечистотијата што преку денот се собира и не ѝ дава да дише. Покрај тоа што ќе се исчисти, од неа треба да се отстрани вишокот маснотија и да се навлажни (да се одржи кисело-базниот баланс). Тоа се три главни чекори за одржување на кожата. Дополнително на овие секојдневни чекори, еднаш неделно треба да ѝ се направи пилинг за да се отстранат мртвите клетки.
Посветете внимание на веѓите и усните
Убаво обликувани веѓи на лицето ќе му дадат убав изглед. Треба да се обидете да ја добиете формата совршена за вашето лице. Усните одржувајте ги меки со балсам и повремен пилинг (изберете природни состојки за оваа цел). Меки и природно розеви усни се убави и без кармин.
Средувајте ја косата
За изгледот, многу е важно како е косата потстрижена. Обликот што ќе го изберете нека одговара на вашата личност. Нека биде и практичен, за да биде доволно само миење , сушење и чешлање.
А сјајот и здравјето на косата се одраз на нашето целокупно здравје. Избегнувајте хемиски процедури и механичко малтретирање, тоа ќе ѝ го одземе квалитетот на косата, а со тоа и природната убавина на вашиот изглед.
Важна е и облеката
Не само шминката, туку и облеката го прави изгледот гламурозен. Избирајте бои што ви прилегаат. Носете фустани што ги потенцираат природните убавини на вашето тело, а ги подзаскриваат недостатоците (кое е релативно, па важи правилото дека најдобро е она што вам ви се допаѓа и во кое вие се чувствувате пријатно). Вистинската облека ќе ѝ даде визуелен израз на вашата личност, но и добар изглед.
Не заборавајте ја насмевката и бидете самоуверени. Ова се можеби најважните работи за гламурозно природен изглед.