Чевли на боси нозе!
На боса нога се носат мокасини, еспадрили како и бродарки, еднобојни или шарени, со по некоја шнола, главно во весели бои.
Во овие денови и пред сезоната на носење сандали, мажите секогаш се пред дилема со што да ги заменат обувките кои успешно ги штитеа за време на ладните временски услови. Како преодно решение главно се носат патики. Но бидејќи тие бараат и носење на чорапи модните креатори се потрудија оваа сезона да понудат обувки во кои стапалата ќе бидат слободни без чорапи.
Мокасините, еспадрилите и бродарките се пријатни за ногата но и многу се практични затоа што едноставно се навлекуваат. Во понудата се и спенсерки од превртена кожа, потоа платнени чевли кои оваа пролет и лето се носат на боса нога.
Она што секој од нас малку го очекуваше е дека без чорапи се носат и елегантни кожни чевли, со врвки или оние од кожа со висок сјај кои се закопчуваат со две шноли. Токму тие се хит оваа сезона и се носат со фармерки и со одело. Можеби на многумина ќе им биде тешко да се навикнат да ги облечат на боси нозе но светските дизајнери порачуваат дека вреди да се обидат.