Втора изложба на академскиот сликар Трајче Чатмов во Велес
Од платна на кои што се насликани доживувањата на суштината на човековиот емоционален аспект е составена изложбата на академскиот сликар Трајче Чатмов, што вчеравечер беше промовирана пред велешката јавност. На сликите на Чатмов можат да се забележат човечки фигури кои межусебно се поздравуваат, војуваат, се соочуваат со своите пороци и страсти. Со техника акрил на платно Чатмов на 44-те слики ги пресликува чувствата кои човекот со помал или поголем интензитет ги изразува во секојдневниот живот.
„Тој пред се го употребува експресионизмот како метод и тоа е едно авангардно движење кое тој свесно и академски го имплементира за да ги прикаже сопствените емоции и доживувањата онака како што тој смета дека во тој момент настануваат, онака како што би ги доживеало едно наивно дете или човек кој што за прв пат ја доживува самата емоција. Гледаме едни силни колоритни линии , едно движење на четката и секоја слика е приказна сама за себе. Ако застанете пред која било слика два пати, исто толку пати ќе видите различна слика“, рече рецензентот на изложбата Ели Василевска Илиевска, културолог.
Изложбата на Чатмов носи наслов „Креативност и мизерија“ и токму тоа кај гледачот го побудува фактот дека секој човек има избор, дали своите емоционални доживувања ќе ги искористи да создаде нешто креативно или да остане неисполнет.
„На овие слики преовладува конкретна приказна, конкретна експресија и секаде се присустни фигурите, особено човекот и животните. Пресликани се секојдневни човечки доживувања кои без малку сите ние саркастично ги доживуваме. Ми требаше четири години да ги направам овие слики и навистина за тој период ми беше потребна максимална слобода на духот и чистина на изразување“, рече Чатмов.
Досега Чатмов самостојно изложувал во Скопје, Велес, Кавадарци, Прилеп и Битола. Учествувал и на групни изложби во земјава и во странство и тоа во Скопје, Велес, Задар, Канагава, Минхен, Велико Трново, Прага, Љубљана, Крагуевац, Димитровград, Врање и други градови.
Љубителите на ликовната уметност ќе можат да ја погледнат изложбата на Чатмов во наредните десетина дена, во Ликовниот салон во Велес./Д.С