Ученици од Чашка на научно творечка екскурзија во Струга
Во научно творечката екскурзија „Истражувајќи го минатото, имаме визија за иднината“ учествуваа деновиве вкупно 32 ученици од двете основни училишта „Лирија“ од село Горно Јаболчиште и „Тодор Јанев“ од Чашка. Станува збор за по 16 ученици од двете училишта кои настава следат на различен наставен јазик, македонски и албански.
Учениците заедно со наставниците, родителите и претставниците на Општина Чашка ја реалзираа дводневната екскурзија во Струга и попатно ги посетија Музејот на албанската азбука во Битола, Природо- научниот музеј, спомен куќата на Миладиновци во Струга, манастирот „Свети Јован Бигорски“ и „Шарената џамија“ кои се значајни за двете култури во државата.
– Особено интересен беше престојот на учениците во детското одмаралиште „Мајски цвет“ во Струга. Тие таму реализираа бројни активности од литературен, ликовен, културен, забавен и спортски карактер.Сите активности беа изведени во етнички, културни и јазични балансирани мешани групи и рамноправно се употребуваа двата јазика со соодветен превод.Основната цел на ваквите активности е промовирање на добрите практики за градење на мултиетничко и мултикултурно општество, рече наставничката Верица Тодоровска Дацева.
Научно творечката екскурзија како дел од Проектот за меѓуетничка интеграција во образованието беше реализирана со финансиска поддршка од Министерството за образование и наука како и од општина Чашка./У.Ј