Манчевски: Сите граѓани да пријават неправилности во избирачкиот список
Потпретседателот на СДСМ; Дамјан Манчевски од Неготино упати порака до граѓаните кои ќе евидентираат неправилности во избирачкиот список истите да ги пријават на посебна телефонска линија која е ставена во функција. Телефонскиот број 02/3293-109 ќе биде во функција за пријавување на неправилности.
„ 10 години Никола Груевски ја уништува државата. Не постојат институции , не постои државата. Партијата на власт целосно ја има поклопено државата. 10 години, бандата на Никола Груевски, Мијалков и Ставрески имаше шанса да го прочисти избирачкиот список. 10 години имаа мнозинство во државната изборна комисија. Огромниот број на лица коишто се на избирачкиот список на иста адреса и фантомските гласачи потврдуваат дека Никола Груевски и ВМРО-ДПМНЕ ги краделе сите избори во минатото. Готово е. На тоа му ставаме крај. Хаосот ќе престане“ рече Манчевски и додаде дека морало да се расчисти хаосот во избирачкиот список и сите што го прекршиле законот морало да одговараат.
Тој најави дека и СДСМ се вклучува во акцијата за прочистување на избирачкиот список со цел во Македонија да се спроведат слободни, фер и демократски избори. По промените на власта, СДСМ ќе ја спроведе својата програма за подобар живот, повеќе работни места и повисоки плати, нагласи Манчевски и најави зголемување на субвенциите на 160 милиони евра.
„Тие ќе бидат навремени и за вистинските земјоделци. Ќе ја вратиме зелената нафта. Ќе воведеме бенефициран работен стаж за сите регистрирани земјоделци. И она што е најважно , ќе обезбедиме навремен откуп на земјоделските производи по достоинствени цени.“ рече потпретседателот на СДСМ.
Ангел Данов