Хуманитарните повеќе наменски заштитни маски, сошиени од велешките професионални шивачки, предадени на велешка болница
26.03.2020
Здравствените работници, техничкиот персонал и администрацијата во ЈЗУ Општа болница Велес денеска ја добија првата количина на заштитни маски сошиени од шивачки волонтерки од градот и помогнати од жени волонтерки. Прв од маските стави директорот на болницата, д-р Божидар Бојаџиев.
– Благодарам на поддршката од жените во градот кои на ваков начин покажаа дека се грижат за здравјето на здравствените работници. Маската што јас ја ставив на себе е првата а останатите ќе ги поделиме веднаш на вработените. Помошта е добредојдена затоа од име на сите вработени во болницата благодарам на иницијативата, пожртвуваноста на сите волонтерки, особено на шивачките кои видов како професионално ја започнаа целата работа, преку избор на терк, па изработен примерок и еве со завршен финален производ. Тоа на сите нам здравствените работници многу ни значи, рече д-р Бојаџиев.
Секој од вкупно 382 вработени од јавната здравствена установа ќе добие по една маска на која е испечатено логото на акцијата “Велешанки за јавно здравје“. Тоа се маски изработени од богасија, памучен материјал, што може да се испере на 90 степени целзиусови и штом се исуши, испегла повторно да се стави за заштита на лицето, носот и устата.
Втората количина ќе биде испорачана деновиве. Тогаш првите 47 повеќе наменски маски ќе ги добијат и здравствените работници на Болница „Јасеново“. По нив 121 маски ќе се сошијат и за Здравствениот дом во Велес, колку што има има вработени, како и 87 вработени во Центарот за јавно здравје. Потоа ќе се дошие уште втората количина, за втора повеќе наменска маска, за сите вработени.
Благодарение на донацијата на велешанката Трајанка Чалија денеска се скроени 1.700 повеќе наменски заштитни маски. Директорот на ЈЗУ Општа Болница Велес, д-р Божидар Бојаџиев и Трајанка Чалија разговараа и за нејзина лична донација за потребите на болницата која се бори против епидемијата на „Ковид 19“.
Инаку, хуманитарната акција „Велешанки за јавното здравје“ ја иницираше велешанката Ружица Николова, професионална шивачка, која побара поддршка од Фондација за локален развој и демократија „Фокус“. По поддршката веднаш се вклучи и велешаната Славица Костова, професионална шивачка, а потоа и жените волонтерки кои помагаат со споредни операции за изработка на маските.
Доколку се пријават повеќе шивачки од Велес кои имаат професионални машини за шиење и секако донатори тогаш ќе можат побрзо и во поголем број да се сошијат повеќе наменски заштитни маски./У.Ј