МНР за македонското знаме: Добивме извинување од „Австралија опен“, се работи за ненамерен пропуст
По добиените информации за пропустот поврзан со истакнувањето на официјалното знаме на Република Северна Македонија на тенискиот турнир „Австралија Опен”, од Министерството за надворешни работи, преку амбасадата во Канбера, веднаш реагирале до Министерството за надворешни работи и трговија на Австралија, како и до организаторот на турнирот, „Австралија Опен”.
-Оттаму добивме уверување дека се работи за ненамерен пропуст – техничка грешка која е веднаш исправена и која не предизвикала ефективни ограничувања. Беше испратено длабоко извинување и уверување дека инцидентот нема да влијае врз силните врски помеѓу граѓаните на Австралија и Северна Македонија, кои се карактеризираат со пријателство и љубов кон спортот, велат од МНР преку соопштение.
Организаторот појаснил дека согласно важечките правила, на трибините за време на натпреварите на турнирот дозволено е да се веат само знамиња на учесниците на натпреварот.
– Воедно добивме и потврда дека за време на учеството на нашата натпреварувачка Илина Ѓорчевска, официјалното знаме на земјава било присутно на трибините меѓу гледачите без никакви ограничувања, стои во соопштението од МНР.
Во текот на вчерашниот ден, македонската заедница во Австралија алармираше дека македонското знаме е забрането за пренос преку камерите на тенискиот турнир Австралија Опен, покрај знамињата на Палестина, Израел, Русија, Белорусија и Тајван кои исто така се забранети.
Според објавените фотографии, биле дадени инструкции на камерманите воопшто да не го прикажуваат.
Дума.мк