Спортско – рекреативниот комплекс во населба Дворови ќе добие целосно нов лик
На фудбалското и кошаркарското игралиште во населба „Дворови“ ќе се поставува тартанска подлога, ќе се изгради нова ограда, ќе се постават нови светлечки столбови со рефлектори и ќе се постават нови спортски реквизити, овие градежни зафати се само дел од целосната реконструкција на спортско – рекреативниот комплекс во населбата што ги соопшти локалната самоуправа.
-Проектот опфаќа реконструкција и на атлетската патека со поставување на завршен слој на тартан и поставување на урбана опрема за деца. Ќе се изгради ѕид – карпа и ќе се постават елементи за користење на карпата за качување, ќе се изведат и постават комплетно нови 22 канделабри во делот околу патеката, ќе се постават клупи и корпи за отпадоци, ќе се обработат постоечки бетонски трибини со поставување на потконструкција и дрвени даски. На еден дел од паркот ќе се изврши хортикултурно уредување на просторот со порамнување, сеење на трева, садење на зеленило, додаваат од Општина Велес.
Исто така, напоменуваат дека овие градежни активности ќе допридонесат да се добие современо уреден простор за спорт и рекреација како за најмладите така и за возрасните велешани.
Стефани Манева