Вечерва започнува „Овчеполски гроздобер Лозово 2024“, подготвена богата културна програма
Со настапите на фолклорен ансамбл „Чоро Рацин“, културно уметничкото друштво „Конче“, играорците од Ансамбл „Тоска“ од Штип, културното уметничко друштво „Јанко Глигиров“ од Свети Николе, асоцијација за фолклор „Плетенка“ од Битола како и настап на Андријана Петрушовска вечерва во 20:00 часот започнува манифестацијата „Овчеполски Гроздобер Лозово 2024“.
-Овчеполието, а особено Лозово, е препознатливо по своите обработливи ниви и родовити плодни земјишта, што ја прави идеална позиција за виногради. Овде, винските култури процветуваат, откривајќи потенцијал да произведат висококвалитетни вина. Високите температури, сончевите денови и плодните почви допринесуваат за одлични вински реколти. Општина Лозово снабдува многу винарии со грозје од овој регион и грозјето од овде претставува гордост за македонската винска индустрија. Вината од овој регион го отсликуваат автентичниот карактер на Овчеполието и ја претставуваат македонската винска традиција на најдобар начин, објаснуваат организаторите.
Задолжени за забавата на втората вечер, на 7ми септември, ќе бидат бендот „Undertakers“, потоа македонските изведувачи „Македонијо во срце те носиме“ и како за крај диџеј „Monowane“.
Програмата денеска и утре ќе започне во 20:00 часот.
Стефани Манева