„Нова Македонија“- првиот македонски дневен весник, основан со решение на Президиумот на АСНОМ, научен собир во Горно Врановци
Со презентација на трудови на македонски историчари и долгогодишни новинари на теми од историјата и содржините на македонскиот новинарски печатен првенец, како и на неговите директори меѓу кои и долгогодиниот новинар и уредник на „Нова Македонија“, Панде Колемишевски, во спомен куќата на Президиумот на АСНОМ, во историското село Горно Врановци, се одржа научен собир на тема „80 години од излегувањето на првиот број на весникот „Нова Македонија“.
Иницијаторот на научниот собир, Драги Наумоски, ја промовираше неговата книга „Горно Врановци низ историјата, во потрага по иселеници“ и одржа предавање на темата „Зошто во Горно Врановци – заборавените херои од Горно Врановци“ со цел да потсети на значајниот настан од поновата македонска историја.
-Посебно да излезат на виделина многу историски факти за историското и подзаборавено Горно Врановци коешто е првата престолнина на современата македонска држава, што го кажал Лазар Мојсов на 11 октомври 1984 година во Горно Врановци, рече Наумоски.
Преставувајќи ја книгата „Зошто во Горно Врановци – заборавените херои од Горно Врановци“, Наумовски ги издвои заборавените лица во македонската историја , коишто ги раководеле илегалните активности од тоа време во Горно Врановци и подоцна активно биле вклучени во организирањето на народната власт како и создавањето на услови за доаѓање на државното, на воено-политичкото раководство и на културно – просветните работници во Горно Врановци.
Наумоски, информациите ги дознава од разговор и документи кои ги поседуваат жители на Горно Врановци, кои живеат во градот Измир, во Турција, откако во педесетите години на минатиот век се исселиле од родното огниште во ова историско македонско село.
Исто така меѓу заборавените лица во книгата на Наумовски се и носителите на највиски државни одликување во тоа време, како што била „Партизанска споменица 1941 година“. Нив за жал, денеска, ги нема во сегашните постоечки списоци на одликувани лица во Македонија. Еден од нив е Јусуф Синановски Чауш, по националност Турчин и Ахмед Ибраимов Фазловски од Горо Врановци, чиј татко и брат се крвнички убиени од бугарските контрачетници. На Ибраимов Фазлиовски на 19 октомври 1951 година во село Горно Врановци му била лично врачена „Партизанска споменица 1941“ од страна на претседателот на Сојуз на борци на НОБ на ФНР Југославија.
-Прашање е зошто ги нема во евиденциите на највисоки одликувања на Македонија, констатираше Наумоски.
Тој потенцира дека неговата идејата за овој голем научен собир и за значајниот историски настан била прифатена од проф д-р Катерина Тодоровска и потврдена на седница на Советот на Институтот за национална историја.
Настанот во Горно Врановци беше организиран од Институт за национална историја на Македонија, Матица на исселеници на Македонија под покровителство на Општина Чашка. Меѓу присутните беа и седум македонски иселеници кои живеат и работат во Измир, Турција, со потекло од Горно Врановци. Тие се членови на здружението на македонски имигранти „ЕГЕ“.
Исто така, според Елена Оровчанец Пероска од Матицата на исселеници на Македонија, сите присутни, вчера, ја посетиле печатницата на „Нова Македонија“ , една од Спомен куќите во Горно Врановци.
-„Нова Македонија“ не е само прв печатен весник во Македонија, туку е историјата на Македонија и тоа континуирано од 1944 година. Весникот успева и опстојува се’ до денешен ден. Во сите изминати 80 години објавува вести и теми од сите полиња на живеење на нашата држава, рече Оровчанец Пероска.
Убавка Јаневска